Македонија
23. July 2017 - 16:25

Нова игра врз нервите на штипјани со бомба тешка 130 килограми

Запрена, па продолжена акцијата за детонирање на бомбата во индустрискиот дел на градот. Иако терминот за контролирана експлозија на проектилот беше закажан за во 10 часот наутро, а граѓаните беа навремено информирани преку медиумите до детонација не дојде.

Сопственикот на фирмата „Актива“ која произведува автобуски делови за Ван Хол, ја стопираше акцијата со образложение дека пред неколку денови испратил писмо до ДЗС во кое навел дека при активирање на бомбата на лице место, ќе дојде до раштимување на 10 високо софистицирани машини, за чие подесување се потребни 20-тина денови.

Згора на тоа тие се ставени во погон и во моментот произведуваат делови кои чекаат испорака за Белгија и САД. Од АРМ се категорични дека по извршената анализа, констатирано е дека се работи за авионска бомба со нето тежина од 250 кг, која содржи 160 килограми експлозив ТНТ, со две запалки и која не се смее да се транспортира.

-Утврдено е дека станува збор за хемиска запалка која е од посебен карактер и за која не се препорачува поместување на самата бомба. Конкретно, самите запалки не доаѓа во предвид да се одвртуваат или на било кој друг начин третираат-изјави капетан Трајчо Савевски, АРМ

Искуствата покажале дека и многу по опремени армии не успеваат да деактивираат ваков тип на бомба без да има материјални последици, па и човечки жртви. Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека одлуката за детонирање е донесена и ќе се преземат сите мерки за неутрализирање на разорното дејство по блиската околина, за што бомбата е поставена во дупка со длабочина од 4 метри.

-Ќе ја закопаме со 2 метри песок, а потоа на висина од тие 4 метри ќе поставиме кадрони и талпи – изјави Шабан Салиу, директор на Дирекцијата за заштита и спасување

При експлозијата, песокот ќе ја амортизира брзината на движење на шрапнелите кои би се забиле во кадроните. Детонацијата е закажана за после 16 часот.