Свет
5. October 2016 - 17:33

Нов терористички напад во Брисел: Избодени двајца полицајци во населбата Скарбек

Нов, најверојатно терористички, напад се случи околу пладне во главниот град на Белгија, Брисел, соопшти портпаролот на белгискиот федерален обвинител. Како што јавува дописникот на МИА од оваа европска престолнина, двајца полицајци беа повредени денеска, откако биле избодени со нож во проблематичната бриселска населба Скарбек.

Според федералното обвинителство, постои причина да се верува дека утринскиот напад над полицајците во Скарбек е терористички напад. Портпаролот на обвинителството, Ерик Ван дер Сипт, потврди за националниот телевизиски сервис „РТБФ“ дека се работи за „потенцијален терористички напад насочен против полициските службеници“.

Според информациите, двајцата полицајци во униформа биле нападнати од страна на човек вооружен со нож, во близина на спортскиот центар „Кинетикс“. Се уште нема информации во каква состојба се полицајците, кои итно се пренесени во најблиската болница.

Како што е познато, нивото на безбедност во Белгија е се уште на високиот трет степен, откако на 22 март годинава во два поврзани терористички напади на националниот аеродром Завентем и во бриселското метро, со саморазнесување на тројца бомбаши-самоубијци настрадаа 32 лица, а повеќе од 300 беа повредени. Оттогаш, белгиските безбедносни органи вршат „чешлање“ на проблематичните бриселски населби Моленбек Сен-Жан, Скарбек и Форест, од каде потекнуваа терористите што ги извршија крвавите напади оваа пролет.