Бизнис
30. September 2015 - 14:21

Нов производ на осигурителниот пазар за клиентите кои сакаат мал ризик

Спојување на животното осигурување и вложување во инвестициски фонд чии акции котираат на американската, швајцарската и германската берза е нов производ кој е достапен на клиентите на македонскиот пазар кои сакаат да ги дисперзираат своите средства во различни области. 

Лајф инвест претставува заеднички продукт на Винер лајф и ВФП менаџмент.

На прес-конференција на која двете компании го претставија новиот производ истакнаа дека клиентот е животно осигуран, а исто така, станува инвеститор во хартии од вредност од реномирани светски компании.

Дарко Дедиќ, претседател на УО на Винер лајф, истакна дека средствата се вложуваат во Фондот чии акции котираат на американсакта, швајцарската и германската берза на хартии од вредност.

- Целта е да го отвориме осигурителниот пазар и да воведеме производи каде секој граѓанин ќе може да се најде и на тој начин ќе може да ги задоволи своите потреби и да одговориме на трендот на намалување на каматните стапки, додаде тој, истакнувајќи дека интерес има од клиентите бидејќи нудат сигурен производ кој не зависи од движењата на домашниот пазар на капитал. 

Ова е прв ваков производ развиен во Македонија. Во развиените земји е доста применет, а во Австрија која има позитивно искуство го користат 10.000 граѓани.

- Австрија го има овој производ многу години. Овој производ го има во разни варијанти. Во Грац, каде е нашето седиште, овој тип на услуга учествува со 50 проценти во вкупно продадените производи, рече Руперт Штробл, генерален директор на WVP групацијата од Австрија и претседател и на Одборот на директори на ВФП Фонд Менаџмент и додаде дека ако клиентот е подготвен да ризикува има шанси за добивка.

ВФП фонд  Менаџмент како друштво за управување со инвестициски фондови е дел од WVP групацијата за финансиско советување од Грац, Австрија.

Винер Лајф е осигурителната кмпанија за животно осигурување основана во 2011 година, како дел од групацијата Винеа иншуранс груп.