Македонија
27. February 2019 - 14:32

Заев – Цакај: Ги шириме перспективите на соработка како земји со исти вредности

Република Северна Македонија и Република Албанија имаат многу бројни заеднички интереси кои се сериозен капитал за градење на долгорочни пријателски односи, со проекти кои се од посебен интерес за граѓаните на двете земји, истакнал премиерот Зоран Заев на денешната средба со вршителот на работите министер за Европа и надворешни работи на Албанија, Гент Цакај.

Посакувајќи добредојде за делегацијата, на средбата Заев истакнал дека и со оваа посета се потврдува срдечното пријателство меѓу двете земји, без отворени прашања и со зацртани насоки за зајакнување и проширување на соработката меѓу владите и граѓаните на двете земји. Воедно се заблагодарил за ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО во албанскиот Парламент.

-Освен заедничките стратешки интереси за членство во Европската Унија, Северна Македонија и Албанија посветено работат за инфраструктурното поврзување на двете земји, кое оваа година треба да добие нова динамика со финиширање на подготовките за старт на работите на железничката линија од Кичево до Лин во соседна Албанија, како и со довршување и конектирање на крак од автопатот Кичево-Охрид со Ќафасан, било истакнато на средбата.

Премиерот Заев посочил дека освен со овие проекти, како и со соработката во сферата на енергетиката, се отвораат дополнителни можности за соработка со економијата, како потенцијал за продлабочување на пријателството меѓу двете земји и нивните народи, од кои произлегуваат и придобивките за нови проекти за соработка и во образованието и културата.

Цакај изразил благодарност за средбата со премиерот Заев, како и задоволството на Владата на неговата земја и на премиерот Еди Рама од извонредните односи и од взаемната поддршка меѓу двете земји кои бележат исклучителен раст во последните две години.

Во таа насока, тој на средбата информирал дека албанската Влада ги завршува административните работи за старт на работата на Културниот центар на Република Северна Македонија во Тирана, и дека се разгледуваат можностите за отворање на Културен центар на Република Албанија во Скопје.

Цакај на средбата го предал писмото од албанскиот премиер Рама, со кое го поканува премиерот Заев во официјална посета на Тирана. Притоа му ги пренел честитките за успешната завршница на одредбите од Договорот од Преспа, како и за постапката на ратификација на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО.

Премиерот Заев се заблагодари за поканата и најавил дека со задоволство ќе ја посети Република Албанија, како земја пријател која ја поддржува Република Северна Македонија низ целиот овој процес, и како земји партнери кои негуваат исти вредности кога е во прашање заедничката иднина на регионот, соопшти владината прес-служба.