Македонија
3. January 2019 - 16:50

Невакцинираните деца наместо во градинка на вакцинација, диспанзерите преполни, ќе се работи и попладне

За невакцинираните деца против морбили вратите во скопските градинки утрото беа затворени. Родители револтирано реагираа на одлуката на здравствените власти дека нема прием во детските установи за сите кои не биле имунизирани со МРП.

-Кажаа и тие дека е противзаконско но што да прават, да видиме дали ќе се реши тоа од горе. А ќе го вакцинирате детето со МРП – секако не!, зошто..сега не е место за тоа да зборувам, вели родител на дете

 Наместо пред градинките големи гужви имаше во сите диспанзери за имунизација во градот. Според лекарите речиси сите биле за МРП вакцината.

-За еден час имаме 15 дечиња за МРП. Родителите се свестија и имаме зголемување на опфатот со вакцинација, вели др. Гордана Марковска од диспанзерот во поликлиниката Јане Сандански.

Дел од родителите кои чекаа пред ординациите не сакаа да зборуваат јавно зошто досега не ги  вакцинирале своите деца. Но имаше повозрасни кои не останаа рамнодушни да им го кажат своето мислење на мајките и татковците.

Експерти коментираат дека антивакциналните кампањи го земаат данокот со ширењето на веќе искоренети болести а социјалните мрежи се преполни со коментари по прогласувањето на епидемијата. Но има родители кои велат дека од оправдани причини нивните деца не примиле МРП.

-Има две години, ама претходно еден месец бевме со варичела и затоа сега ја примаме вакцината. Инаку, јас сум лекар и знам дека треба вакцини, вели еден родител.

Уште во текот на вчерашниот од градинките преку пораки ги известуваа родителите дека нема да примаат невакцинирани деца и сите да носат фотокопија од вакцинален картон.

-Моето е вакцинирано и немавме никаков проблем. Мислам дека сите треба да бидат вакцинирани.

-Јас го вакцинирав синот на една ипол година, и што знам, мислам дека некои родители имаат и оправдани причини што не ги вакцинираат, коментираат родители.

Писмено се огласи и министерството за труд и социјала кои соопштија дека за наредбата ги информирале сите државни и приватни градинки а на родителите им укажаа дека казните за невакцинирање се од 350 до 650 евра.

МРП вакцината во задолжителниот календар за имунизација е воведена пред 45 години. Првата доза е предвидена на 13 месечна возраст а ревакцината на 6 години.

По појавата на 12 нови случаи со морбили, кои освен во Радишани се проширија и во Аеродром, Ѓорче Петров, Гази Баба, Чаир и Центар, здравствените власти покрај прогласувањето на епидемија го проширија и прагот за вакцинирање од 9 месечна возраст. На Инфективна има хоспитализирано 7 пациенти со посериозни компликации од малите сипаници. Меѓу нив е и осуммесечно бебе.