Македонија
27. October 2015 - 16:45

Интензивна истрага за смртта на родилката и бебето во гевгелиската болница- анестезиолозите добија отказ

Утринава им биле врачени отказните решенија на двајцата анестезиолози во гевгелиската болница, потврди за Сител директорот на установата. Лекарите ги зеле решенијата и не навестиле дали ќе поднесат жалба. Дисциплинската  мерка отказ следи по потврдените информации од надлежните органи дека и двајцата биле пијани во операционата сала во четвртокот вечерта кога почина родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе.

-  По добиените наоди дека има недозволено количество на алкохол во крвта, директорот на ЈУЗ Општа болница Гевгелија, на ден 26/10/2015 година донесе решение за изрекување на дисциплинска мерка престанок на вработување на здравствен работник: Др. Томчо Ванчев и Др. Зоран Јовановски специјалисти по анестезиологија и реанимација, сметано од 26.10.2015 година, стои во соопштението од  ЈЗУ Општа болница Гевгелија.

Во меѓувреме обвинителството додека ги чека резултатите од обдукцијата во предистражна постапка го сослушува персоналот на болницата и прибира докази. Според информации на Сител била земена и документацијата од матичниот гинеколог кој ја водел бременоста на починатата родилка.

Обвинителството ги чека и анализите од судска медицина за точната причина за смртта на 38 годишната жена од скопско која завчера починала на Клиниката за гинекологија во шестиот месец од бременоста.