Свет
21. August 2016 - 9:05

„Њујорк тајмс“: Компаниите на Трамп имаат долгови од најмалку 650 милиони долари

Компаниите на Доналд Трамп имаат направено долгови од најмалку 650 милиони долари, што е двапати повеќе од тоа што во текот на својата кампања го пријави републиканскиот кандидат за американски претседател, информира весникот „Њујорк тајмс“.

Дневниот весник ангажирал специјализирана компанија за добивање информации за недвижен имот, за да собере податоци за имотот на милијардерот, а посебно за зградите со канцеларии и игралиштата за голф.

Истрагата на „Њујорк тајмс“ покажала дека освен долгови од 650 милиони долари, значителен дел од финансиската состојба на Трамп е врзана со три партнерства, кои на повеќе кредитори им должат вкупно две милијарди долари.

Меѓу кредиторите на империјата на Трамп е „Банк оф Чајна“, една од најголемите државни банки во Кина (земја која милијардерот редовно ја претставува како трговски партнер што треба да се потчини), како и „Голдман Сакс“, познатата инвестициска банка, која Трамп ја обвинува дека и помага на неговата соперничка Хилари Клинтон.

Магнатот сака да го истакнува својот успех во бизнисот, претставувајќи го како гаранција за неговата способност да управува со САД. Тој, меѓутоа, одбива јавно да ги каже своите приходи, како и да дозволи независна ревизија на состојбата на неговиот бизнис, забележуваат француските медиуми.

„Њујорк тајмс“ пишува дека во својата предизборна кампања Трамп се обидуваше да ја наметне претставата за себе како бизнисмен кој со свој труд ги стекнал милијардите и дека никому ништо не должи.