Свет
23. October 2017 - 13:55

„Њујорк тајмс“: ЦИА им објави војна на талибанците во Авганистан

Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) ги прошири своите активности во Авганистан и почнува да се бори против и да ликвидира се поголем број водачи на талибанското исламистичко движење, пишува весникот „Њујорк тајмс“.

Досегашните активности на ЦИА во Авганистан биле насочени главно против остатоците од мрежата на Ал Каеда, како и против новопојавените ќелии на Исламската држава, а имала задача и да помогне во обука на авганистанската армија. 

Но, според весникот, во централата на ЦИА во Ленгли било решено дека одделението за паравоени формации и активности на ЦИА мора да почне да води поширока офанзивна акција против талибанците. Иако ова одделение има само неколку стотици агенти кои дејствуваат низ целиот свет, сепак ЦИА почнала со напади врз локални, пониско рангирани командати на талибанците, со цел да и стави на знаење на оваа организација дека ќе мора да пристапи кон политички разговори за стабилизирање на Авганистан.

- Ние не можеме да ја вршиме нашата работа ако не сме агресивни, изјави директорот на ЦИА, Мајк Помпео на почетокот на овој месец во Тексас.

Според „Њујорк тајмс“, новата стратегија на Помпео за Авганистан, освен паравоени дејствија против талибанците, ќе значи и проширување на програмата за напади со дронови врз водечките исламисти во Авганистан и Пакистан, како и во Сирија и Јемен.