Живот
16. October 2017 - 10:31

Низ одводите во Швајцарија годишно поминуваат 43 килограми злато

Швајцарски истражувачи откриле дека за минатата година, низ канализациските мрежи во Швајцарија минале вкупно 43 килограми злато и три тони сребро. Вкупната вредност на овие скапи метали, изнесува над три милиони долари.

Стручњаците објаснуваат дека благородните метали се наоѓани во ситни честички, коишто потекнуваат од хемиската и фармацевтската индустрија и произведувачите на часовници.

- Слушате приказни за бесни мажи и жени како фрлаат накит во тоалетната школка, но ние, за жал, не сме нашле никакви прстени, објаснува на шега Бас Вријенс, кој е дел од тимот, додавајќи дека честиците што се наоѓаат во канализацијата се мерат во микрограми, но кога се ќе се собере, се доаѓа до горенаведените бројки.

Се работи на испитување - дали се исплати извлекувањето на тие метали од „наоѓалиштето“, но се чини дека процесов би бил доста непрофитабилан.

Поголем дел од златото и среброто се наоѓаат во одводните системи во западниот швајцарски регион Јура, каде што изработката на часовници е доста развиена, па и обработката на метали е прилично застапена.