Свет
19. March 2018 - 13:55

Ниту еден западен лидер не му честиташе на Путин

Рускиот претседател Владимир Путин денеска доби голем број честитки по повод новата победа на вчерашните избори, но до сега ниту еден лидер на западните земји не му го честита реизборот.

Портпаролот на германската канцеларка Штефан Зајбер најави дека Ангела Меркел ќе му честита на Путин за резиборот.

- Таа набрзо ќе испрати телеграма... мислам дека е природно со честитката да се постави прашањето за предизвикот во германско-руските односи. Се разликуваме во мислењата со Русија и многу јасно и прецизно ја критикуваме руската политика, како во Украина и во Сирија, посочи Зајберт.

Тој додаде дека е многу важно да се одржи дијалогот со руските лидери.

Во честитката на кинескиот претседател Си Џинпинг се потенцираат руско-кинеските односи.

- Односите помеѓу Москва и Пекинг се на најдобро ниво во историјата и се пример за новиот тип на меѓународни односи, засновани на меѓусебно почитување, еднаквост и правда, се истакнува во телеграмата од Си.

Иранскито претседател Хасан Рохани му честиташе на Путин на „убедливата победа“ и апелира на зајакнување на билатералните односи.

- Сигурен сум дека во текот на Вашиот нов мандат односите на нашите земји се повеќе и повеќе ќе се развиваат, истакнува Рохани во пораката до Путин.

Францускиот Национален фронт победата на Путин ја оцени како знак на „стабилност и демократските темели“ на Русија. Партијата исто така ја повикува ЕУ да „ја запре апсурдната и контрапродуктивна политика на уцени, закани и санкции“ кон Русија, која е „клучен сојузник во војната против тероризмот и заедничкиот непријател - Исламска држава“.

Честитки до Путин пристигнале од лидерите на Казахстан, на Белорусија, на Боливија и на Куба.

Од регионот честитки испратија претседателот и премиерката на Србија, Александар Вучиќ и Ана Брнабиќ, како и претседателката на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ.

Путин вчера победи на претседателски избори со 76,7 отсто од гласовите.