Балкан
3. May 2017 - 15:25

Нишани повика на дијалог, Рама и Баша не договорија средба

Не успеа обидот на албанскиот претседател во заминување, Бујар Нишани, да ги седне на иста маса лидерите на двете најголеми политички сили, владејачката Социјалистичка и опозициската ,Демократска партија, Еди Рама и Љуљзим Баша, за да се најде решение за излез од длабоката политичка криза во која е земјата.

Имено, Рама и Баша не успеале да се договорат околу барањата на опозицијата, што биле нејзин услов за да се седне на иста маса.

Рама, кој е актуелен премиер, му предложил на Баша да му отстапи поголем број министерски места во Владата, но не се согласил да замине од премиерската функција.

Но овој негов предлог не го прифатил Баша, кој рекол дека „прифаќа помалку министерски места, но без Рама премиер“.

Инаку, актуелниот, осми состав на албанскиот парламент, утре ќе ја одржи последната седница во овој мандат. Потоа истиот се распушта, со што се отвора патот за парламентарните избори закажани за 18 јуни, кога ќе се изберат новите 140 народни избраници. За учество на изборите, кандидатски листи до Централната изборна комисија доставиле 17 политички партии. Опозицијата истите ги бојкотира, иако до полноќ, кога е второ продолжениот рок, има можност да достави свои листи.