Македонија
3. February 2018 - 12:02

Нимиц за Euronews: Разговараме за името на државата и тоа не треба да влијае на идентитетот

 Мислам дека прашањето за идентитетот е многу важна тема за вашиот северниот сосед, а преговорите се водат за името на државата, вели медијаторот Метју Нимиц, во интервју за Euronews на грчки јазик.

- Прашањата за кои што се преговара се поврзани со името на државата. Името на државата, решавањето на ова прашање за името на државата, не треба да влијае на идентитетот на граѓаните. Јас верувам дека е можно решение кое ќе биде задоволително и за двете земји, вели Нимиц во интервјуто.

Во однос на написите во медиумите за ГорнаМакедонија и НоваМакедонија како прифатливи решенија за Атина и Скопје соодветно, медијаторот, како што јавува дописникот на МИА од Атина, вели дека и тој ги прочитал овие текстови и коментари, но објаснува дека разговорите сѐ уште се водат за прашањето за одредницата.

- Раководствата сѐ уште дискутираат за прашањето за одредницата и која би била најдобра. Вистина е дека во мојот предлог постојат пет опции. Исто така реков дека  овие пет предлози не исклучуваат можност другите страни да достават идеи, вели Нимиц.

Според медијаторот, сега е соодветно време за решение, а во однос на најлошото сценарио, да не се постигне договор сега, вели дека „времето не е на наша страна“, затоа што за 2 години ситуацијата и во двете земји може да биде различна.

- Ситуациите се менуваат, владите се менуваат, не знаеме која ќе биде владата во Грција за две години. Не знаеме која ќе биде владата во Скопје, не знаеме каква ќе биде ситуацијата во регионот. Може да се случат различни настани што ќе ја отежнат ситуацијата, во иднина да ја направат посложена ситуацијата за да се најде решение, објаснува медијаторот во интервјуто, пренесува МИА.

Метју Нимиц во интервјуто за Euronews, вели дека не може да одреди конечен краен рок за решение, бидејќи е медијатор, ниту пак може едната на другата страна да и достави ултиматум

- Но, верувам дека постои прозорец за можност и двете страни препознаваат дека е соодветен момент за да го решиме прашањето, посочува Нимиц.

За референдумот во Македонија, медијаторот вели дека е „нивно прашање, како ќе решат да го ратификуваат договорот “. А со сличен став е и во однос на прашањата поврзани со Уставот, за кои вели дека се поврзани со методологијата како да се одобри или усвои нешто. Додава дека тоа се однесува на двете инволвирани страни, не е работа на медијаторот да им кажува на Скопје и Атина „како да функционираат Уставот и парламентот“