Македонија
15. January 2018 - 16:11

Нимиц прво да го решиме името, па двете страни ќе се договорат за идентитетските прашања и опсегот

Медијаторот Нимиц нема да стави сосема нов предлог за името, за време на разговорите во Њујорк во среда. Во интервју за грчката државна телевизија, Нимиц вели дека ново е што актуелната македонска влада е заинтересирана за решавање на името, а грчката смета дека е добар момент и за решавање на спорот и за грчката надворешна политика во регионот. 

Нимиц планира да претстави модифицирани идеи, односно стари предлози во кои ќе се содржат елементи од од претходните рунди преговори.

,,Имам некои идеи што ќе им ги дадам на претставниците следната недела. Се среќаваме на 17-ти. Не можам сега да ви кажам кои се моите идеи. Но, ќе речам дека повеќе од 20 години разговараме за ова прашање и многу од идеите беа ставени на маса. Но, секогаш постои нов начин на гледање на работите што отвора нова димензија. Поради тоа, мислам дека луѓето ќе гледаат на таа материјата од друг агол. Се разбира нема да има ништо целосно ново и го реков тоа и претходно. Не постои нова магија за прашањето, знаеме кои се проблемите. Го знаеме ставот на Атина, го знаеме ставот Скопје. Оттаму очигледно е дека се работи за предлози што доаѓаат од претходно‘‘, изјави медијаторот.  

Нимиц не открива дали имињата за кои се шпекулира во медиумите, како Нова или Северна Македонија ќе бидат негов предлог или ќе даде сосема нова идеја, иако е очигледно дека ќе има некаква модификација на одредницата. Медијаторот сака да се сконцентрира на основното прашање, новото име, а оптимист е дека двете земји потоа можат да ги решат и другите пропратни прашања.

,,Постојат пропратни прашања, покрај прашањето за името. Тоа е опсегот на користење, тоа се идентитетските прашања, кои се од голема значење кај северниот сосед и треба да се биде посебно чувствителен околу тоа. Во Грција исто така постои загриженост за историските прашања, за присвојувањето на историско наследство, за содржината во школските учебници кои конечно ќе треба да се адресираат. Значи оваа група на пропратни прашања, за кои знаеме се важни. Но, мислам дека има решение и за нив и двата пријателски соседи можат да ги решат, ако прво го решиме основното прашање‘‘, изјави Нимиц. 

Нимиц одби да ги коментира внатрешните разлики во Грција околу решавањето на спорот, сметајќи дека во земјата има сериозни лидери можат да најдат решение со кое ќе бидат задоволни и политичарите и грчките граѓани.