Македонија
17. January 2018 - 8:38

Нимиц: Освен за името ќе се преговара и за идентитетот, историјата и учебниците

Денеска во Њујорк ќе се одржи нова рунда на разговори меѓу македонскиот претставник Васко Наумовски, грчкиот претставник Адамантиос Василакис и медијаторот на ОН Метју Нимиц.

Во интервју за грчката национална телевизија ЕРТ Нимиц изјави дека нема да има нов предлог и дека на маса ќе извади предлог-идеи за кои веќе се дискутирало во минатото.

Последната рунда разговори за името, по тригодишен застој, се одржа во Брисел на 11 и 12 декември минатата година. Тогаш беше најавено дека медијаторот Нимиц секој месец ќе одржува средби со преговарачите со цел да се најде решение.

Премиерот Зоран Заев во изминатиот период повеќепати рече дека постојат можности да се најде решение за спорот во првата половина на годинава.

Освен прашањето за името има и други “помошни“ прашања што ќе бидат тема на разговор на претстојните средби со македонските власти, вели долгодишниот медијатор Метју Нимиц за грчката национална телевизија.

„Има и други помошни прашања покрај прашањето за името, како неговата употреба, прашањето за идентитетот, нешто што е причина за сериозна загриженост од страна на северниот сосед и сите треба да сме исклучително чувствителни за тоа. Има загриженост и во Грција, за прашања од историјата, за сопственоста врз историското наследство, за учебниците. Овие дополнителни прашања кои ги знаеме, се важни, но јас мислам дека има решенија за нив“, вели Нимиц.

Tерминот „Македонија“ ќе биде дел од предлозите за конечното решение на спорот за името меѓу Македонија и Грција, изјавил медијаторот Метју Нимиц во интервју за грчката ТВ Антена 1. Оваа изјава на Нимиц предизвика бурна реакција кај грчките десничари и националисти кои велат дека терминот „Македонија“ не треба да биде дел од решението за имаето.

За грчките десничари Македонија е грчка, а македонската нација е измислена од Тито и Сталин по Втората светска војна.

Министерот за одбрана на Грција, Панос Каменос предлага да се користи терминот „Вардарска“ што е дел од називот кој го користело Кралството на Југославија за денешната територија на Република Македонија.

Поранешниот грчки премиер Костас Караманлис деновиве одржува повеќе средби со истакнати личности на кои вели дека не смее да се дозволи прифаќање на формула за името во кое ќе се содржи терминот „Македонија“.