Македонија
3. February 2018 - 16:11

Нимиц очекува решение, Коѕиас го „искара“ медијаторот да не ја коментира позицијата на Атина

Идентитетот им е многу важен на вашите северни соседи и секој предлог кој би го загрозил нема шанси да стане решение. Ова е ставот кој медијаторот Нимиц го соопшти во интервју за сервисот на ЕуроЊуз  на грчки јазик.
Медијаторот вели дека се преговара само за прашања кои се поврзани со името на државата.

Нимиц цели дека неговиот предлог содржи пет опции за името а на Скопје и Атина останува да одлучат која е најдобрата.

Нимиц и во Скопје порача дека постои решение на спорот без да се загрози идентитетот на државата, коментирајќи дека не слушнал ништо од грчката страна што би значело негирање на идентитетот.

Ваквиот став на медијаторот го предизвика грчкиот шеф на дипломатијата да му порача на Нимиц дека не е негова работа да зборува за позициите на Атина.

„Имав долг разговор со специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН, Метју Нимиц, кој се врати од Скопје. Јасно и строго му нагласив дека не е во негова надлежност да зборува која е политиката на Атина, а уште помалку, да ја опишува некоректно”, пишува во изјавата на Коѕијас, објавена на сајтот на грчкото МНР додавајќи дека преговорите може да се водат единствено врз она што во Давос го договориле Заев и Ципрас, без да открива детали околу тоа. 

Нимиц не сакаше да коментира за начинот на кој државите би го ратификувале евентуалниот договор, оставајќи на Скопје и Атина да решат дали за тоа ќе организираат референдум или пак само гласање во Собранието. Токму по ова прашање власта во Скопје нема единствен став. ДУИ бара Собранието да одлучи за името, додека СДСМ останува на ставот дека последниот збор ќе го имаат граѓаните на референдум.