Македонија
25. September 2017 - 9:30

Нимиц: Има добра волја во Атина и Скопје прашањето за името да се реши

Односите меѓу Грција и Македонија се подобрија во изминатите неколку месеци и има добра волја на двете страни за изнаоѓање решение за прашањето за името, изјави медијаторот на ОН Метју Нимиц во интервју за Независната Балканска новинска агенција - ИБНА (Independent Balkan News Agency). 

Посредникот во спорот меѓу Атина и Скопје, се надева дека разговорите за решевање на прашањето за името може да се забрзаат кон крајот на годинава, по изборите во двете земји.

- Двете земји дадоа збор дека се заинтересирани тоа да се направи. Односите се подобрија во последните месеци и очекувам поголема активност, изјави Нимиц.

Прашан дали ќе даде нови предлози, Нимиц вели дека ќе го направи тоа, но во вистинското време.

Истакнува дека во двете земји претстојат избори и сега не е добро време за фокусирање на прашањето за името, но очекува поактивен ангажман по нивното завршување.

За тоа дали верува дека можат да бидат надминати „црвените линии“ што ги поставија Атина и Скопје, Нимиц одговора потврдно.

- Да, постојат позиции на двете земји, можете да ги нарекувате црвени линии или сини линии, има и некои многу важни прашања за двете земји, но мислам дека тие можат да надминат и да се дојде до помирување, изјави Нимиц. 

Според него, прашањето за името требало да се реши пред многу години, но за жал тоа не се случи. Нерешавањето на ова прашање сигурно влијае на стабилноста на регионот и затоа е важно да се реши. Затворањето на проблемот сигурно ќе придонесе за долгорочна стабилност и пријателство во регионот, смета Метју Нимиц.

Интерес за решавање на долгогодишниот спор, како што нагласува Нимиц, има и кај меѓународната заедница, особено кај ЕУ и САД.