Бизнис
25. November 2015 - 19:57

Николовски: Да се исплатат субвенциите за 2015

Веднаш да почне исплатата на земјоделските субвенции за 2015 година, рече денеска на прес-конференција дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Годината привршува, истакна Николовски, а земјоделците немаат добиено субвенции.

- Во Програмата за директни плаќања во земјоделството јасно стои дека, согласно Календарот, краен рок за почеток на исплатата за поледелците, производителите на добиточна храна и на сончоглед и ориз е октомври, а овој месец треба да почне исплатата и на субвенциите за лозарите и овоштарите, нагласи дополнителниот заменик-министер.

Тој обвини дека и оваа година се манипулира со земјоделците и со парите кои им следуваат по закон. - Субвенциите се државна мерка, а не партиска и тие мора да дојдат до земјоделците кога им се најпотребни, напомена Николовски.

Одговорајќи на новинарски прашања, Николовски информира дека откако е дојден на функцијата дополнителен заменик-министер за земјоделство доставил околу 30 барања за извештаи од раководителите на секторите во ресорот со цел утврдување евентуални малверзации, пропусти и злоупотреби.