Свет
23. August 2016 - 20:47

Никола Старџен: Шкотска може да плати „висока цена“ поради Брегзит

Шкотската прва министерка Никола Старџен предупреди на високата цена  што може да ја плати Шкотска, со напуштањето на ЕУ.

Анализата што е направена за потребите на Владата во Единбург, укажуваат дека последиците од Брегзит за Шкотска до 2030 година, може да изнесуваат од 1,7 до 11,2 милијарди фунти.

Ваквиот износ, според авторите на анализата, може да и нанесе тежок удар на јавната потрошувачка, а тоа директно да го почуствуваат граѓаните.

Проценките се дека Шкотска може да претрпи штета од намалениот прилив од оданочувањето од 1,7 до 3,7 милијарди фунти.

Анализата и стравувањето на Владата во Единбург доаѓаат во време кога во Лондон се уште не е одлучено кога да се покрене процесот за раздружување меѓу Велика Британија и ЕУ, предвиден со членот 50 од Лисабонската спогодба.

Премиерката Тереза Меј веќе најави дека преговорите ќе почнат кога Велика Британија ќе биде спремна за тоа, но не до крајот на оваа година, додека низа угледни функционери на владеачката Конзервативна партија, сугерираат да не се чека долго на отворањето на тој процес.

Во Лондон, меѓутоа, се уште нема постигната согласност за тоа кој модел да се одбере за идните односи со Европската Унија.

- Каков било модел да избере британската Влада во нејзините преговори со Брисел, тој нема да донесе економски предности за  Шкотска, какви што носи членството во ЕУ, изјави Старџен.

Шкотските ториевци кои се опозиција во тамошниот Парламент побараа од владата, што ја предводи Шкотската национална партија (СНП),  да се „фати за работа“ и да се насочи кон стабилизација на шкотската економија, наместо што прави анализи за штетата од Брегзит.

Според шкотските медиуми, Старџен грубо ја отфрлила позицијата на конзервативците, нарекувајќи го тоа „хипокризија“ и обвинувајќи ги дека само  тие се виновни за напуштањето на ЕУ.

Владата во Единбург стравува дека Шкотска без своја вина и желба може да биде тргната од Европа.

На референдумот од 23 јуни, 62 отсто од Шкотланѓаните беа за останување на Велика Британија во ЕУ. 

Старџен уште тогаш најави дека Шкотска ќе бара начин да остане во ЕУ и без Велика Британија и предупреди дека во краен случај ќе се организира втор референдум за отцепување од Обединетото Кралство.