Македонија
27. јуни 2016 - 18:42

Никола Јанкуловски нов ректор на УКИМ

Деканот на Медицинскиот факултет, Никола Јанкуловски, денеска е избран за нов ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

На седницата на Универзитетскиот сенат Јанкуловски доби поддршка од 43 сенатори. Неговиот противкандидат, професорот на Природно-математичкиот факултет и поранешен министер за образование Ненад Новковски, освои шест гласа, додека шест гласа беа неважечки.

По изборот Јанкуловски рече дека максимално ќе се залага да ги реализира целите кои ги ветил во програмата и оти Универзитетот треба да се најде на местото кое го заслужува.

На изборот на новиот ректор му претходеше тензична атмосфера при конституирањето на новиот Универзитетски сенат. Студентскиот пленум и младински организации утрово го блокираа Ректоратот барајќи одложување на седницата, бидејќи, според нив, претставниците на студентите во сенатот се нелегитимни.

Од  Студентскиот пленум истакнуваат дека нема да ги прекинат своите активности против, како што велат, нелегитимните претставници, бидејќи на 30 јуни ќе  има избор за нов студентски лидер.