Македонија
17. July 2017 - 16:18

New Europe: Спорот за името Македонија: Дали ѕвездите се наместија за нов американски притисок?

Во сенка на пропаднатите разговори за Кипар, спорот за името на Македонија се враќа во фокусот, пред се на американската администрација, пишува бриселскиот весник Нова Европа.

Под насловот: Спорот за името Македонија: Дали ѕвездите се намесија за нов американски притисок?, весникот пишува дека со промена на владата во Скопје, може да се забележи цела листа на чекори поради кои аспирациите на Македонија за членство во ЕУ и НАТО, може да станат достижни.

Интересот на Вашингтон на македонските интеграции не може да биде појасен, посебно откако Стејт Департментот, како контра мерка на се поизразеното руско влијание на Западниот Балкан ја калибрираше својата стратегија во регионот.

Според весникот грчката страна јасно ја изразува поддршката на македонските евро-интеграции, како генерална цел за одбрана од руското влијание, што влева надеж дека двете земји можат да го придвижат процесот на решавање на спорот за името без големо надворешно мешање. Тоа е толку видливо што весникот прогнозира дека во следните недели ќе се види јасната улога на САД и ЕУ во процесот.

Наведувајќи ја посетата на министерот Димитров на Атина, но и ангажманот на Нимиц по подолго време, Нова Европа пишува дека сите мисии на медијаторот беа во тесна координација со Вашингтон. Оттаму, и покрај ниските очекувања од оваа рунда, веќе се подготвува програмата за средба на високо ниво меѓу Македонија и Грција на маргините на Генералното Собрание на Обединетите Нации во септември.

Весникот пишува дека и покрај тоа што новата администрација на Стејт Департментот ни од далеку не е комплетирана, дипломатите од кариера се целосно ангажирани да ја искористат актуелната позитивна политичка ситуација.

Во поддршка на тезата се спомнуваат и гласините дека Брајан Хојт Ји, одговорен за Балканот во Вашингтон, ќе го замени амбасадорот Бејли. Тоа значи дека решавањето на прашањето за името јасно ќе стане еден од врвните приоритетит на европското биро на Вашингтон.

Весникот наведува дека САД се во посебно силна позиција да ја убедат владата на Ципрас да пристапи кон брзо решение, а при скорешната посета на Ципрас на Вашингтон, прогресот во решавањето на спорот ќе биде во врвот на агендата. Загриженоста на Вашингтон од одбивањето на коалициониот партнер на Ципрас, Независни Грци да се согласи со сложено име со терминот Македонија, ќе се резултира со бројни тајни билатерални заложби кон Атина, со кои ќе се постигне договор.

На крајот весникот заклучува дека останува на искусните дипломати во Атина, Скопје, Вашингтон, Брисел и Њујорк прецизно да изнајдат со што ќе ја зголемат довербата кај Атина и ќе овозможат напредок кон постигнување договор во спорот. 

Видеа од Македонија

  •  
  • Страна 1