Македонија
26. September 2017 - 11:41

Неопходно социјално партнерство за програмите за превенција на ХИВ

Ако Македонија сака одржлив систем на која било програма за ранлива група на граѓани тоа може да го направи само преку социјално партнерство и никако поинаку, бидејќи државата е гломазен субјект, а граѓанскиот сектор кој е веќе подготвен треба само да биде ставен во соодветна функција, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

- Треба да изградиме пристап што ќе значи пристап утврдување цена на чинење на секоја една услуга која државата ја плаќа преку социјално партнерство. Можеме да финансираме и бизнис и граѓански сектор, но затоа е потребно регистер, стандарди, па потоа утврдување на цена на чинење, изјави Царовска на отворањето на конференцијата „Модели за финансирање на програмите за превенција на ХИВ и намалување на штети од употреба на дроги“, во организација на ХОПС – опции за здрав живот.

Посочи дека ако системот на давање услуги зависи од политичка волја, тогаш тоа не е одржлив систем, но доколку се изнајде соодветен систем истиот тој може да се реплицира и за други програми.

Извршниот директор на ХОПС Христијан Јанкулоски посочи дека Македонија е земја со најниска преваленца на ХИВ во регионот на ЈИЕ и дека изминатите 20 години се изградени сите капацитети кои можат да дадат одговор на ХИВ епидемија и само е потребна поддршка на истите и во иднина.

- На 5 септември 2017 година Владата на Република Македонија усвои одлука со која од 2018 година се обезбедуваат 103 милиони денари од националниот Буџет за превенција и третман на ХИВ. Се уште остануваат предизвиците. Мора да постои повеќегодишен план за имплементација со минимален едногодишен план за финансирање, рече Јанкулоски.

Нагласи дека во Македонија овие сервиси ги имплементираат 15 здруженија во 15 градови, а услуги од нив на секојдневна основа во нивните центри и на терен добиваат 15 илјади лица.