Македонија
13. јуни 2016 - 16:31

Нема промена во грчката политика за топонимите

Ниту топонимите на местата во Грција се дополнети со имињата на македонски јазик, ниту Грција ја сменила политиката кон македонското малцинство.

Според извори на Сител од организациите на Македонците во Грција, информацијата за промена на патоказите со имиња на македонски јазик, и конкретниот пример со селото Неред, датира од пред 6-7 години, кога младината од ,,Виножито‘‘ во герила акција поставила налепници со македонски топоними, со цел да го изрази револтот против официјалната грчка политика. Веќе утредента налепниците биле отстранети од страна на грчката полиција. Истите извори додаваат дека ниту на ниво на локалната самоуправа, ниту на владино ниво не е донесена одлука со која би се исправила неправдата нанесена со Букурешткиот договор.

Единствената промена е во патоказите на автопатската делница кај Лерин, градена со европски пари на која мора да се применува и меѓународната номенклатура за имињата на местата.

Имено, насоката кон Битола е напишана согласно грчката терминологија Монастири, но и според усвоената меѓународна теминологија – Битола. Според истите извори дури и за овие патокази има реакции од грчките радикали до надлежните институции. Инаку, познато е дека Грција се уште води иредентистичка политика кон Македонија и смета дека Битола е грчки град кој не е ослободен уште од 1913 година.

Политиката на преименување од македонски во грчки имиња во северна Грција почнала во 1918 и траела се до 1925 година, кога биле преименувани 800 села и градови.

Македонците од Грција се уште не можат да ги остварат основните човекови права, како признавање на идентитетот, образование на мајчин јазик и слободно изразување на културните и идентитетски особености. За разлика од нив, Македонците во Албанија по подолго време успеаа да ги вратат имињата на топонимите на местата и на македонски јазик, како што биле именувани низ вековите.