Македонија
18. November 2017 - 13:05

Нема опасност од излевање на реките во кумановско

Нема опасност од излевање на реките во кумановско и по неколкудневните врнежи во реонот, информираа од Регионалниот центар за управување со кризи во Куманово. Извршени се контроли на речните корита и водотеците на просторот на Куманово, Липково и Старо Нагоричане и  не е забележан зголемен интензитет или надминување на дозволените висински коти на речните корита на водостоите.

- Последните мерења покажуваат дека во кумановско, изминативе денови наврнале 25 литри на метар квадратен, така што не очекуваме некои вонредни состојби во смисла на излевање на речните корита. Може да се очекува на оној дел на малите водотеци, пред се, се мисли на суводолиците, но интензитетот на врнежите не е така голем за да може да предизвика вакво влијание и зголемување на количеството вода во водотеците, изјави Горан Стојановски од РЦУК Куманово

Оттаму објаснуваат дека изминатиов период, општина Куманово, Дирекцијата за заштита и спасување и ЈП Водостопанство презеле мерки за  прочистување, проширување и продлабочување на речните корита на Кумановка, Липковка и Којнарка кои овозможуваат поголем прифат на вода. 

- Во голем дел оспособени се речните корирт на реките, за прифат на поголеми количества вода со тоа што се направи прочистување на вегетацијата, така што моќта на абсорпцијата на овие речни корита е зголемена, изјави Стојановски.