Македонија
22. November 2017 - 16:26

Нема одговор дали предлогот на Села за наследник на Таравари е прифатлив

Алијансата на Албанците се уште го чека одговорот на премиерот Заев по предлогот на Села за нов министер за здравство. Од партијата за Сител велат дека до сега, никој од СДСМ не ги контактирал за да им каже, дали нивниот предлог е прифатлив.

Партискиот лидер пред два дена јавно кажа дека неговиот предлог и официјално е испратен до премиерот.

Од Алијансата за Албанците сметаат дека е неодговорно толку важна позиција во Владата толку долг период да остане без раководител и апелираат на што е можно поскоро свикување на Собраниска седница на која нивниот предлог би добил зелено светло од Собраниското мнозинство. Од Алијансата велат дека не очекуваат опструкции од ДУИ, туку заедничка работа на ветените реформи.

Од партијата на Ахмети и денеска не може да се добие никаков став. Ниту портпаролот Османи, ниту пратеникот Груби ниту пак координаторот Алими не одговорија дали ќе го поддржат предлогот на Села.

Слична ситуација и во СДСМ. И од таму се уште нема информација дали и кога Заев би го ставил предлогот пред пратениците на гласање.

Речиси еден месец по завршувањето на изборите две министерски и една заменичка фотелја во Владата ги чекаат новите сопственици. Таравари стана градоначалник на Гостивар, Мерко на Струга, а Висар Ганиу победи во Чаир.