Бизнис
22. August 2016 - 19:41

Нема договор меѓу лозарите и винарниците за откупната цена на грозјето

На десетина дена пред откупот на винското грозје повторно несогласувања помеѓу лозарите и винариите.

Лозарите бараат да останат ланските цени на грозјето. Велат дека винариите пред претстојниот откуп сакаат да се симне вредноста на шеќерните единици со образложение дека имаат залихи со вино. Тие остануваат на ставот дека нема да прифатат пониски цени.

Согласно Законот за вино винската година почнува на 1ви август. Откупот на поедини сорти како шардоне и ризлинг е веќе отпочнат. Цената треба да се истакне 10 дена пред почетокот на откупот изразена во шеќерни единици.

Лани винариите и лозарите ги договорија откупните цени за грозјето, со тоа што за поблагото грозје производителите добија повисока цена. Минималната цена за килограм Вранец со 19 шеќерни единици беше 13 денари, а килограм Смедеревка со 17 шеќерни единици 11 денари. Во зависност од шеќерните единици цената може да се зголемува.

Годинава родот од гроздоберот се очекува да достигне 180 милиони килограми.