Македонија
10. January 2016 - 17:19

Нелегалните мигранти ги ,,разбудија‘‘ локалните шверцери и банди

Во последниве три дена значително е намален бројот на мигранти кои влегуваат во земјава. Во текот на вчерашниот ден издадени само 715 потврди за искажана  намера за признавање право на азил, во најголем дел на државјани на Авганистан. Во справувањето со нив, македонските безбедносни сили последниве месеци добиваат значителна меѓународна помош. Веќе неколку дена на македонско-грчката граница патролираат околу 30-тина унгарски полицајци, кои заедно со своите колеги од безбедносните сили на Србија и Хрватска ќе го контролираат влезот на бегалци кои секојдневно транзитираат низ земјава. Унгарската влада одлучи да и помогне на Македонија во справување со мигрантската криза. Нивните полициски службеници кои поседуваат и теренски топлотни камери за полесно лоцирање на нелегалите мигранти, цел месец ќе бидат ангажирани на јужната граница. Ним во наредниот период се очекува да им се прикјлиучат и полицајци од Австрија, Полска, Чешка и Словачка.

Но и покрај засилената меѓународна контрола, дел од економските мигранти кои не се пропуштаат во земјава, успеваат илегално да ја минат грчко-македонската граница. Во најголем дел помош добиваат од жителните на пограничните села кои повторно наоѓаат начини да заработат преку транспорт на бегалци. Ваков случај пред два дена беше откриен на стариот пат од Скопје кон Куманово. Полицијата откри товарно возило со 100-тина економски мигранти чија крајна дестинација била српската граница. Полицијата треба да дознае дали се работи за нова шема за шверц. Поради стравот да не бидат откриени кримучарите им изнајмуваат на мигрантите возила со измината регистрација или без регистерски таблички. Мигрантите возат сами, а за цело време пред и зад нивното возило патуваат шверцерите. Дел од мигрантите и покрај студеното време се обидуваат и пеш да стигнат до границата со Србија.

Откако ќе успеат нелегално да влезат во Македонија, економските мигранти често се жртви и на насилници. Во текот на вчерашниот ден во полициската станица во Куманово двајца државјани на Мароко пријавиле дека во два наврати биле нападнати во близина на главниот град. Три засега непознати лица со тупаници, безбол палки и електрошокови, на мигрантите им земале 300 евра, патни исправи и мобилен телефон.        

Според официјалните податоци на МВР, од 19 јуни 2015-та, односно од стартот на мигрантската криза низ Македонија минале близу 400.000 бегалци во најголем број од Сирија, од кои само 86 побарале азил во земјава.