Свет
24. February 2017 - 17:39

Неизвесен статусот на Британците во Германија по „Брегзит“

Според документ подготвен од Европската Унија до кој дошле британските медиуми, Британците кои што ќе останат да живеат во Унијата по заминувањето на нивната држава, се соочуваат со неизвесна иднина. Според документот, секоја земја членка индивидуално ќе решава за престојот на Британците а ситуацијата засега е најкомплицирана во Германија каде што живеат околу 100 илјади државјани на кралството, јавуваат германските медиуми.

Минатата година, по референдумот во Британија, тогашниот вицепремиер Зигмар Габриел на Британците кои што живеат во Германија им понуди брза програма која што може да го скрати патот до државјанство но сегашните позиции на министерството за внатрешни е дијаметрално спротивни,. Како што пренесува дописникот на МИА од Берлин идниот престој на Британците во Германија ќе зависи од карактеристиките на секој индивидуален случај а големо влијание на ситуацијата ќе има и односот на Велика Британија кон Германците и другите државјани на ЕУ членки по Брегзитот.

„Германската влада сеуште не донесла заклучок во врска со позицијата за легалниот статус на британските државјани откако Велика Британија ќе ја напушти ЕУ“, е формалниот одговор на германското министерство за внатрешни работи на прашање на медиумите.

Извештајот предупредува дека односот на Лондон кон државјаните на ЕУ може да го направи потежок животот британските жители во ЕУ. Тоа значи дека дури и ако сете во брак со германски државјанин тоа не е гаранција дека ќе добиете престој во Германија предупредуваат авторите на извештајот. Според него во Велика Британија има пораст од 50 % во однос на бројот на Европјани што сакаат да добијат британско државјанство но процесот е екстремно тежот при што треба да се пополни барање кое што има 85 страници.