Македонија
25. July 2017 - 15:33

Неисправна водата од чешмите од извори во повеќе места во Велес

Водата во чешмите од изворите на повеќе места во Велес и околината е неисправна за пиење, покажа анализата на Центарот за јавно здравје во Велес.

Доктор Снежана Петрова, специјалист по хигиена, апелира до граѓаните водата од овие чешми да не ја користат за пиење.

- Водата во природните чешми во Велес во континуитет е неисправна, но и понатаму има жители кои секојдневно полнат шишиња и туби и пијат од неа. Според сите наши анализи и во последниот месец оваа вода е бактериолошки и хемиски неисправна и не треба да се користи за пиење. Поради тоа и надлежните служби од Општина Велес неодамна на сите природни чешми поставија табли со предупредување дека водата е неисправна за пиење, изјави д-р Петрова.

Исклучок е природната чешма во Башино Село која континуирано во изминатите години, а и според најновите анализи на Центарот за јавно здравје, е бактериолошки и хемиски исправна и може да се користи за пиење.

Докторка Петрова нагласи дека најисправна бактериолошки и хемиски е водата во градскиот водовод од која редовно се земаат примероци за анализа.

Водата во градскиот водовод во Велес доаѓа од реката Тополка преку хидросистемот Лисиче, а освен велешани со неа се снабдуваат и жителите на велешко Горно Оризари и уште неколку помали приградски населби.