Македонија
13. January 2016 - 14:44

Недељковиќ: Вевчанскиот карневал е бренд на Република Македонија

Вевчанскиот карневал е бренд на Република Македонија. Ние не сме свесни што значи карневалот, кој има традиција од скоро 15 века. Министерството за култура го препознава овој бренд и во иднина ќе се трудиме да го промовираме и да биде препознатлив секаде во светот, истакна заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ.

Пред почетокот на василичарското дефиле со маски, тој потсети дека минатата година BBC го прогласи Вевчанскиот за најдобриот пагански карневал во светот и повика да не им се забележува на василичарите за изборот на маските.

- Вевчанскиот карневал е театар на отворено, без режија. Сметам дека ниту една етничка заедница не треба да се лути или да забележува за некоја од маските. Луѓето ги избираат маските. Ниту централната и локалната власт, ниту Министерството за култура ја режира приказната што ќе се случува тука. Повикувам да нема поделби на православни, муслимани, католици и.т.н ., да го гледаме карневалот како нешто убаво што ја претставува Македонија како мултиетничка држава, изјави Недељковиќ.

Градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски е задоволен од досегашната посетеност и карневалската атмосфера.

- Вчера поминавме перфектно. Имаше многу гости и мислам дека годинава беше рекордно посетен карневалот. Синоќа на забавата, на настапите на Слаткаристика, С.А.Р.С. и Брас Брадарс имаше околу 20.000 гости. Беше весело, многу расположено, а имаше и запросување. Би сакал таа традиција да продолжи и во иднина и да има не еден туку повеќе, а младите да го искористат карневалот и за вакви убави работи, рече Угриноски.

Двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, Глупавите Августи и останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања во изминатата година, по 14 часот ќе продефилираат низ вевчанските улици и ќе ги претстават своите маски. Вевчани денеска и утре ќе наликува на театар на отворено, а гостите со нетрпение очекуваат да ја видат годинашната креативност на вевчанци. Вевчанци кажуваат се, но никој не открива во што ќе се маскира до дефилето.

Присутните вечер ќе ги забавуваат Есма Реџепова и Наум Петрески. На полноќ ќе има петминутен огномет. Настап ќе има и вевчанецот Перо Пешиновски до утринските часови, кога традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори, полнат вода со која се прави вевчанскиот кашаник во кој се става паричката. Кај оној што ќе се падне паричката, ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година.

Според традицијата, утре Василичарите ќе одат од куќа во куќа каде што има име Васил да му честитаат и околу пладне доаѓаат во центарот на Вевчани, каде ги играат василичарските ора. Манифестацијата ќе заврши со традиционалното палење на маските во центарот на Вевчани, некаде околу 17 часот. Со палењето на маските се верува дека се ослободуваат од злото и оти годината ќе им биде среќна и бериќетна.

Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, со традиција од околу 15 века, симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на паганството, а другиот на христијанството. Задолжителни елементи се зетот и невестата кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои се олицетворение на злото и двајцата глупи Августи кои ги штитат од злото. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на Новата година по стариот, Јулијанскиот календар.