Македонија
8. January 2016 - 18:27

Не се формираше Анкетната комисија за фалсификувањето на личните карти

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска не ја формира Анкетната комисија за скандалот со фабриката за фалсификување на лични карти, пасоши, афери и други документи бидејќи се уште сите пратенички групи не доставиле имиња на пратеници кои ќе бидат нејзини членови. 

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески бараше да биде тргната точката од дневен ред и дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ прават контра Анкетна комисија во која тие нема да учествуваат.  

Сугарески исто така праша дали Комисијата го добила нивното барање да се направи увид во документите на Силвана Бонева, член на Државната изборна комисија (ДИК), односно дали таа има пет години работно искуство од стекнувањето на дипломата. Барањето, според него, е уредно заверено во Архивата на Собранието на 5 јануари.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски рече дека е неопходно да се расчисти скандалот со фалсификувањето лични карти, пасоши и другите материјали бидејќи станува збор за сериозен случај. Анкетната комисија, како што потенцира, работи врз база на одлука за основање и Деловник за работа, документи од кои произлегуваат и права и обврски.

- Фалсификувањето на лични карти не е предмет на работа на претходната Анкетна комисија заради тоа што не е утврдено во надлежностите со одлуката за нејзино формирање. Фалсификувањето на пасоши не е предмет на таа Анкетна комисија, украдениот идентитет на 120.000 луѓе, фалсификувањето на документи од општ карактер не се предмет на претходната Анкетна комисија. Соработка со странски служби исто така. Затоа нема потреба да се плашите од таа Анкетна комисија ако сакаме да се дознае вистината, истакна Димовски.

За барањето за Бонева, пак, рече дека за тоа е гласано, оти тоа го сториле и пратениците од СДСМ, и дека нема деловнички простор за тоа на начин на којшто постапиле пратениците од опозицијата, но оти тоа не е спорно.

- Усогласена и договорена работа околу разрешуивањето на другата госпоѓа во ДИК Виолета Дума, за која што беше укажано дека таа може да биде избрана но со денот на избор таа мора да оди во пензија заради сила на закон, се злоупотребува таа ситуација за да се направи проблем повеќе во функционирање на ДИК и во можноста да се организаираат што е можно побрзо, поефикасно предвремени избори. И за да се направи баланс се прави проблем таму каде што не постои во врска со назналувањето на Силвана Бонерва за која што потенцирам гласаше и СДСМ, рече Димовски.  

На седницата беше донесена и предлог-одлука за нови членови на Комисијата за дискриминација. За членови се предложени Тони Науновски, Александар Даштевски, Александар Спасеновски, Нена Неновска - Георгиевска, Јован Ананиев. Ирфан Дехари и Беким Кадриу.  

Пратениците од опозицијата бараше точката да биде тргната од дневен ред бидејќи материјалите се доставени во последен момент и не се согласуваат со предлогот.