Македонија
25. September 2015 - 17:51

ОН не очекуваат бранот бегалци кон Европа да се намали

Координаторот за Блиски Исток и Северна Африка во Високиот комесаријат на ОН за бегалци Амин Ауад, денеска изјави дека не очекува приливот на околу 8.000 бегалци на ден во Европа да ослабне и предупреди дека тоа може да е само врвот на санта лед.

Според заменикот координатор на ОН за хуманитарна помош во Ирак Доминик Барч, се очекува 10 милиони лица во Ирак да имаат потреба од хуманитарна помош до крајот на годината, така што бројот на внатрешно раселени во земјата веќе изнесува 3,2 милиони.

ОН очекуваат 500.000 лица да се иселат од ирачкиот град Мосул, ако ирачките сили преземат обид за враќање на градот, заземен од групата Исламска држава, истакна Барч.

Според координаторот за Блиски Исток и Северна Африка на ОН, освен тоа голем број сириски бегалци не веруваат дека по четири години војна ситуацијата во нивната татковина може да се подобри и тие да почнат да живеат нормален живот, пренесува ТАСС.

Над 488.000 мигранти стигнале во Европа преку Средоземно Море од почетокот на годината, соопшти Меѓународната организација за миграција. Најголем дел од нив, 275.000 лица влегле преку Грција.