Живот
12. December 2017 - 14:20

Не можете да кажете не во Северна Кореја: Почина американски војник кој пијан дезертираше во оваа земја

Американски војник, кој пред повеќе од половина век дезертирал во Северна Кореја и таму останал речиси 40 години, почина во Јапонија на 77-годишна возраст.

Чарлс Роберт Џенкинс, тогаш 24-годишен наредник една ноќ исчезнал додека бил во близина на демилитаризираната зона помеѓу двете кореи.

Тој изјави дека избегал за да ја избегне должноста во Јужна Кореја и војната во Виетнам.

- Беше Божик, ладно и мрачно. Почнав да пијам. Никогаш не сум испил толку алкохол, изјави Џенкинс. На луѓето со кои шетал во околината им рекол да го почекаат додека тој го провери патот пред нив. Тогаш тргнал кон Северна Кореја, ставајќи бела маичка на врвот од пушката.

Планирал да оди во Русија и да се предаде и не очекувал дека ќе го задржат во Пјонгјанг.

Чарлс Роберт Џенкинс

Додека бил во Северна Кореја ги учел војниците да зборуваат англиски и глумел злобен американски шпион во пропаганден филм.

Џенкинс таму се оженил со Хитоми Согу, Јапонка, 20 години помлада од него, која му била ученичка на курсот. 

Во Северна Кореја, плашејќи се за својата безбедност и за семејството, не можел да одбие ниту една задача.

- Не можете да кажете не во Северна Кореја, вели Џенкинс. 

На неговата сопруга и било овозможено да се врати во Јапонија во 2002 година, а Џенкинс конечно се сретнал со неа и двете ќерки во 2004 година во Индонезија.

Иако Северна Кореја му овозможила само привремено заминување, Џенкинс со семејството заминал во Јапонија откако добил гаранција дека нема да биде уапсен при заминувањето. Таму веднаш е хоспитализиран поради компликации што ги имал по операција во Северна Кореја.

Откако Јапонија се заложила Америка да биде „поблага“ во казнувањето на дезертерството, Џенкинс признал вина и добил 30 дена затвор и отпуштање од војската. 

Тој и неговото семејство во Јапонија се стекнале со статус на ѕвезди. Напишал книга за своето искуство во Северна Кореја.