Бизнис
12. January 2017 - 11:32

НБРМ и Бирото за образование потпишаа Меморандум за соработка

Гувернерот на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) Димитар Богов и директорот на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ денеска потпишаа Меморандум за соработка во делот на финансиската писменост и други области во образованието.

Како што соопшти НБРМ, двете институции ќе вршат консултации за стратегиски прашања на национално и меѓународно ниво, ќе подготвуваат наставен и прирачен материјал за основните и средните училишта од областа на финансиската писменост и ќе организираат обуки и други едукативни активности со кои ќе бидат опфатени наставниците и учениците. 

НБРМ и Бирото ќе реализираат соработка на полето на финансиската едукација преку изготвување политики, спроведување истражувања и анализи, преземање заеднички активности за подигање на јавната свест и промоција на финансиската едукација и писменост и размена на релевантна експертиза.

- Со овој Меморандум се очекува да се зацврсти соработката меѓу двете институции во областа на финансиската едукација со што ќе се придонесе за зголемување на свеста кај учениците и јакнење на нивните финансиски знаења, како и за нивно идно полесно вклучување во современите текови на финансискиот систем, информира НБРМ.