Кошарка
22. September 2017 - 14:36

НБА го крати распоредот, Баркли критикува!

Чарлс Баркли, кошаркарска легенда, ја критикува НБА-лигата поради промената на распоредот на натпреварите, чија цел е на играчите малку да им ја олесни напорната сезона. НБА ја продолжи сезоната, ја укина низата од 18 натпревари во период од 30 дена, како и серијата од четири натпревари што екипите ги играат за пет ноќи.
 
„Кутри бебиња, не можат да играат ден за ден. Заработуваат по 20, 30, 40 милиони долари годишно. Сакаме да бидат повластени, не смееме да ги преоптовариме. Затоа ќе им ја олесниме работата. Приватните авиони и хотелите со четири ѕвездички не им се доволни“, рекол Баркли, човек кој секогаш го кажува тоа што го мисли и поради што во НБА-лигата прекарот му Големиот брбливец.
 
Баркли со оваа своја реакција јавно ја искажа разочараноста од потезите што ги влече раководството на НБА-лигата.
 
„Лут сум, многу сум им лут на тие од НБА што не смеат на овие момци да им речат: „Стојте, ве плаќаме 30, 40 милиони долари, а вие не можете да играте два натпревара во два дена“. Мислам дека НБА, едноставно, треба да им нареди да играат. Смешно е што ја продолжија сезоната“.
 
„Имав можност да седам со постарите играчи кои на натпреварите патуваа со воз и играа по три натпревари за три дена. Срамно е што овие момци не сакаат да играат ден за ден, а имаат сѐ што ќе посакаат. Јас кога играв, летав со комерцијален лет и играв за пет ноќи четири натпревари“, дополнил Баркли.
 
Чарлс Баркли е еден од најдобрите крилни центри во историјата на НБА-лигата, тој е член на оригиналниот дрим тим, кој на Олимпијадата во Барселона во 1992 година го освои златниот медал.