Фудбал
20. September 2016 - 11:49

Навивачите бараат Руни да се пресели на клупата, Мурињо бара плејмејкер?

Трите порази во рок од осум дена му ги искристализираа двата проблеми на менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо, кои итно мора да ги реши: мора да најде плејмејкер и мора да реши што ќе прави со капитенот Вејн Руни.
 
Руни има статус на клупска легенда, тој во Јунајтед е веќе 12 години и му недостигаат уште само четири гола да стане најдобар стрелец во историјата. На оваа листа прв е Боби Чарлтон (249), а Руни постигнал 246 голови.
 
Сепак изминатите неколку сезони капитенот на Јунајтед не е толку продуктивен во нападот, од таа причина минатата сезона тогашниот менаџер Луј Ван Гал го префрли во редот за врска, а на таа позиција остана и по доаѓањето на Мурињо.
 
Но Руни колку и да е добар играч, тој најдобро се чувствува кога игра во врвот на нападот. Поради тоа се погласни се навивачите кои на социјалните мрежи порачуваат дека Руни треба да се пресели на клупата за резервни фудбалери. Слично мислење имаат и спортските новинари, односно поранешни фудбалери чии збор се цени во премиерлигашките кругови.
 
Прашање е што ќе прави Мурињо со Руни, кој има само 30 години и има уште неколку сезони за играње, неколкумина во Англија сметаат дека тој ќе биде продаден по завршувањето на сезоната.
 
Вториот голем проблем е немање на вистински плејмејкер, играч кој има добро завршно додавање, бидејќи квалитетот на напаѓачите Ибрахимовиќ, Марсијал и Рашфорд не е спорен.
 
Јунајтед има девет играчи кои конкурираат за место во средниот ред (Мата, Погба, Лингард, Керик, Јанг, Фелаини, Шнајдерлин, Ерера, Мхитаријан), но ниту еден од нив не е вистински „плеј“.
 
Шпекулациите говорат дека Мурињо ќе се обиде во зимскиот преоден рок да го донесе во тимот Лукас Моура. Бразилецот во јануари 2013 за сума од 45 милиони евра пристигна во ПСЖ, но не блесна.
 
Кај Лоран Блан играше во променлива форма, а подобри денови најавува под тренерската палка на Унаи Емери, Моура во досегашниот тек од сезоната постигна четири гола на шест одиграни натпревари.