Бизнис
14. November 2017 - 14:17

Науката мора да ги прифати современите трендови и промени, бараат ветеринарите

Научната дејност во Македонија мора да го следи трендот, да ги прифати општествените промени, развојот на технологијата и барањата на новите генерации, да се адаптира и да произведува кадри кои ќе бидат конкурентни, не само дома, туку и на меѓународниот пазар на труд, порачаа денеска учесниците на работната сесија по повод 90 години од ветеринарната наука и едукација во земјава.

Како што истакна проректорот за настава на УКИМ Вуица Живковиќ, доаѓаат тешки времиња во кои просторот во кој треба да се делува е немилосрден. Глобализацијата на пазарот на трудот врши голем притисок, профитот мора да се оствари.

- Доаѓа сурово време, на предизвици во кое ќе опстојат само најдобрите, само оние што брзо ќе се адаптираат. Кога големите, мега компании за својот профит директно бараат од нас да произведеме кадар, ставени сме на раскрсница: дали да произведуваме кадар кој ќе биде во функција на пазарот на трудот на локално и глобално ниво или кадар што е креативен, што ќе ја повлече иднината и ќе ни покаже нови перспективи. Јас сум секогаш за комбинација меѓу тие две работи, што е најтешко, исто како да комбинирате готов производ кој е во функција со разум, нешто што во иднината ќе ја придвижи оваа мала држава, нагласи  Живковиќ.

Според него, освен што треба да овозможи едукација, Универзитетот мора да се отвори, да стане Универзитет што учи. Мора да се негуваат трите столба: едукација, наука и соработка со пазарот на трудот. 

вуица живковиќ

- Науката не може да инвестира ако нема апликативна, применлива димензија. Ако не бидеме признанени од опкружувањето, државата и од сите за кои произведуваме кадар, не сме направиле ништо. Неопходна е надворешна евалуација, не смееме да делуваме локално зашто довербата се стекнува само со отвореност, со комуникација за подобрите од нас, подвлече проректорот.

Претходно, деканот на Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје (ФВМС) Лазо Пендовски кој ја отвори работната сесија, потенцира дека  современата едукација согласно потебите на новото време, е приоритет. 

-  Приоритет на Факултетот е продуцирање доктори кои не само што ќе имаат квалитетно образование, туку и ќе бидат способни практично да го применат, во секојдневната работа, рече Пендовски.  

И проректорот за меѓународна соработка на Унивезритетот за ветеринарна медицина во Будимшешта проф. д-р Тибор Барта порача дека светот се менува толку брзо што, ако не се прилагодите, ќе имате навистина голем проблем да ги исполните барањата на новите генерации.

По претпладневната работна сесија која ќе заврши со доделување дипломи на студенти во учебната 2016/2017, одбележувањето 90 години ветеринарна наука во Македонија продолжува вечер со свечена академија на која ќе присуствуваат истакнати дејци и основоположници на ветеринарната професија во Македонија, како и гости од ветеринарни факултети и институции од Будимпешта, Љубљана Загреб, Нови Сад, Белград, Сараево, Истанбул, Тирана Подгорица, Приштина со кои ФВМС има повеќедецениска соработка.

На свечената академија најпрво ќе се обратат деканот на Факултетот Лазо Пендовски, ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, по што ќе има видео презентација за Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје, а ќе биде промовирана и монографијата „90 години Ветеринарна наука и едукација“ од продеканот на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, проф. д-р Тони Довенски.

Одбележувањето на јубилејот е по повод основањето на првата ветеринарна научна и едукативна институција во Македонија, Ветеринарно одделение во рамки на Хигиенскиот завод во Скопје основан 1927 година, од кој подоцна настанува Ветеринарниот институт кој, пак, од 2004 година работи во рамки на Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје.