Бизнис
1. February 2016 - 20:13

Наскоро ќе биде објавен оглас за доделување државно земјоделско земјиште за производство на добиточна храна

Владата преку министерството за земјоделие им излезе во пресрет на сточарите од Малешевијата со објавување на оглас за давање на државно земјоделско земјиште под закуп за сопствено производство на сточна храна. Тоа ќе овозможи поевтино производство на млеко и млечни производи и поголема конкурентност на пазарот.

- Објавуваме јавен оглас кој ќе биде посебно наменет за сточарите за да можат да добијат под поволни услови земјоделско земјиште за да произведуваат добиточна храна за своите стада.-изјави Ване Костадиновски, заменик министер за земјоделие

Костадиновски додаде дека само во општина Пехчево во изминативе 8 години, инвестирани се преку директни плаќања над 7 милиони евра за субвенционирање на земјоделците, пред се за сточарите кои се доминантни во овој регион. Последната од низата мерки е и начин за запирање на процесот на депопулација на руралните средини.

- Мислам дека ова е позитивен импулс за да можат граѓаните да се задржат, посебно со тоа што се дава стимул за помладите за да се занимаваат со земјоделие-изјави Игор Поповски, градоначалник на Пехчево

Изминатата година 134 -ца ја искористиле мерката за поддршка на млади земјоделци со покривање на нивните инвестиции до 10 000 евра, со што за нив се обезбедени 1, 3 милиони евра.