Свет
30. April 2016 - 15:38

Насилни протести за време на конгресот на партијата АФД во Штутгарт

Стотици левичарски активисти утрово во Штутгарт предизвикале инциденти во обид да ги спречат членовите на партијата „Алтернатива за Германија“ (АФД) да влезат во салата каде што се одржува партискиот конгрес.

Во спречувањето на протестите против настанот, на кој што се очекува АФД да се ребрендира во отворена антиисламистичка политичка партија, ангажирани се околу 1.000 полицајци. Некои од демонстрантите кои што се против најавите на АФД за забрана на џамиите и користење на бурките, се вооружени со стапови и метални шипки. Полицијата уапси 400 демонстранти.

На конгресот учествуваат околу 2.000 членови на партијата која што на регионалните избори во три германски покраини освои меѓу 12 и 24 отсто од гласовите по што најави дека борбата против „катастрофалната“ политика на отворени врати за бегалците на канцеларката Ангела Меркел ќе ја продолжи со низа контроверзни чекори.

На конгресот се очекува АФД да усвои манифест според кој Германија покрај затворање на минарињата и забрана за носење на бурки, треба да излезе од еврозоната и да воведе задолжителна воена обврска.

Според анкетите на парламентарните избори, што треба да се случат во втората половина на 2017 година, АФД речиси сигурно влегува во федералниот парламент.