Македонија
23. May 2017 - 11:36

Народниот театар од Охрид оваа седмица со гостувања во Белград и Франкфурт

Народниот театар од Охрид со свои поставки оваа седмица ќе се претстави пред македонските иселеници во Србија и Германија.

На покана на македонското друштво „Македониум” Народниот театар утревечер во Белград ќе ја одиграа претставата „Аналфабет” од Бранислав Нушиќ, а во режија на Ѓорѓи Ризески. Во претставата улогите ги толкуваат Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски и Елизабета Стефановска.

Претставата е дел од манифестацијата „Денови на Македонската култура во Белград – Допирот на Македонија”.

Актерската екипа турнејата ја продолжува во Германија, во Франкфурт каде ќе се одигра театарската импровизација – „Импровокација”, со актерите Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Филип Кипровски, подпомогнати од Филип Жура.

Организатори на настанот се Македонското културно и спортско друштво „Македонија” од Франкфурт. „Импровокација“ пред нашинците во Франкфурт ќе биде изведена в сабота, на 27 мај.