Македонија
14. August 2017 - 12:57

Наредба за истрага против полицаецот кој пукаше во двајца малолетници

Надлежен јавен обвинител од струмичкото Јавно обвинителство донел наредба за спроведување истражна постапка против полицискиот службеник кој повреди двајца малолетници со истрел од службен пиштол. - Полицаецот е осомничен дека сторил кривично дело – убиство од член 123, а во врска со член 19 од Кривичниот законик, се наведува во соопштението од Обвинителството.

За целосно расветлување на настанот, како што посочуваат од Обвинителството, јавниот обвинител ги очекува резултатите од наредените вештачења на траги и материјални докази пронајдени на  местото на настанот, балистичките вешачења и анализите на трагите од барутни честички.

- Од сите инволвирани веднаш по инцидентот беа земени за анализа и примероци од крв и урина, како и парафински ракавици, истакнуваат од Обвинителството.

Оттаму посочуваат дека за осомничениот се предложени серија мерки на претпазливост – забрана за напуштање на местото на живеење, обврска за редовно јавување во суд, привремено одземање на патната исправа и забрана за вршење определени работни активности.

- Во меѓувреме, состојбата на потешко повреденото момче се подобрува. Тој и натаму се наоѓа на скопските клиники, но е стабилен и свесен и во моментов не се наоѓа во животозагрозувачка состојба, информираат од Обвинителството.