Македонија
24. March 2017 - 16:42

Наметнување на политички теми од странски држави е неприфатливо политичко однесување - тврди Торстен Фрај од ЦДУ

Наметнување на политички теми од странски држави е неприфатливо политичко однесување. Пратеникот на Христијанско – демократската унија (ЦДУ) во германскиот Бундестаг Торстен Фрај во интервју за државната агенција МИА, оценува  дека како принцип ниту во ЕУ ниту во Западниот Балкан не смее да има мешање на странски политичари во внатрешните политички прашања на други земји.

– Според моето искуство Албанија во минатото секогаш имала конструктивен улога во регионот. Но, сега не е добар сигнал тоа што албанискиот премиер сака да наметне албанска платформа преку албанските партии во Македонија. Тоа не е прифатливо. Актуелните политички предизвици се внатрешен проблем на Македонија и не смее да има наметнување на прашања од други држави. Јас немам никакво разбирање на мешањето на албанскиот премиер во внатрешните работи на Македонија, вели Фрај кој е добар познавач на состојбите на Балканот, а во ноември ја посети Македонија.

Фрај смета дека Унијата мора да влева доверба кај идните членки со тоа што договорено ќе го исполни, посочувајќи дека во најдобар интерес на ЕУ и на Германија е да ги поддржат земјите од западниот Балкан за полноправно членство.

-Треба да биде јасно дека ако критериумите од Копенхаген бидат исполнети тогаш мора да следи членство во ЕУ. За мене ова е прашање кое што влијае на довербата и на кредибилитетот на ЕУ.  За волја на вистината во многу земји од западен Балкан се уште имаат проблеми кои треба да се надминат. Во Македонија имаме уставна криза поради која се уште не може да се направи влада по изборите во декември. Ситуацијата е комплицирана, но треба да се извади најдоброто од изборните резултати и да се почитува волјата на македонскиот народ и македонските граѓани, вели Фрај за МИА кој на парламентарни избори во септември повторно ќе биде кандидат за пратеник од редовите партијата на Меркел.

Во врска со блокадата од Грција во ЕУ и НАТО  Фрај смета дека Македонија мора да ги надмине внатрешните проблеми по што ЕУ треба да изврши голем притисок врз Грција со цел на крајот на процесот на пристапување Атина да не може да го блокира членството во ЕУ. 

Пратеникот на германската владејачка партија се надева  дека во Македонија нема да дојде до конфликт затоа што земјата има доволен потенцијал да ги надмине проблемите.