Бизнис
11. January 2018 - 21:17

Наместо ЛОН производи, штипските конфенции ќе шијат брендови

Холандски компании кои работат во Штип, најавија проширување на нивните текстилни капацитетите и од досегашниот Лон начин на работа, да се преориентираат во производство на брендирани текстилни производи. Ова денеска го објави амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Вилен Волтер Пламп по денешната посета на фабриките.

- Најмалку две од холандските компании кои веќе функционираат во Штип планираат проширување. Една од тие е компанијата „ЕМТ“ за која сме дојдени денска и го најавува својот нов проект- изјави Вилен Волтер Пламп, амбасадорот на Кралството Холандија во Р.М.

Покрај подобрувањето на квалитетот на производствениот процес, новите инвестиции ќе допринесат и во зголемување на квантитетот на работењето, што значи и отворање на нови работни места.

- Конкретно оваа компанија во првата фаза би имала 65 вработени, а во втората фаза 100-тина вработени, додаде Волтер Пламп

Од локалната самоуправа со став дека ќе им излезат во пресрет на сите инвеститори кои ќе ја намалат невработеноста, ќе понудат солидни плати и пристојни услови за работа, а со тоа и директно ќе помогнат во развојот на локалната економија.

- Тоа е нов свеж капитал кој би влегол во општина Штип и ние како општина ќе продолжиме да овозможуваме добри услови за работа, како на странските, така и на домашните компании-изјави Благој Бочварски, градоначалник на Штип

Според она што го видел на лице место, холандскиот амбасадор смета дека има потенцијал и добри услови за понатамошен развој на текстилната индустрија во градот.