Бизнис
14. September 2017 - 13:51

Намален родот на боровинки во кавадаречко како последица на зимскиот и пролетниот мраз

Само 15 лица побарале дозвола за берење на боровинки, смрекинки и други шумски плодови и лековити билки од подружницата на „Македонски шуми” во Кавадарци.

Раководителот на Одделението за заштита на шумите, Петко Ристовски, денеска информираше дека за разлика од оваа сезона, минатата биле побарани 25 дозволи, а предминатата дури 125.

- Самите љубители на шумски плодови и лековити растенија се информирани за нивниот род и намалените приноси како резултат на лошите времски услови, а тоа е сигурно една од причините за намален интерес за издавање на дозволи од страна на подружницата „Бор”, рече тој.

Тој додаде дека можеби постојат и други причини за намалениот интерес за дозволи за берење на шумски плодови и билки со лековити својства.