Македонија
25. May 2017 - 9:58

Најстудено во Лазарополе, најмногу дожд во Ѓуриште и Прилеп

Во Лазарополе утрово беше најстудено, шест степени, а најмногу дожд изминатите 24 часа наврнале во Ѓуриште и Прилеп, 16 литри на метар квадратен.

Како што информира УХМР, измерени се осум степени во Крушево, девет во Битола, Претор и Маврово, десет во Ѓуриште, Крива Паланка, Тополчани, Охрид, Прилеп и Берово, 11 во Пожаране, 12 во Дебар, Тетово, Куманово и Скопје Петровец, 13 во Виница и Штип, 14 во Скопје, Дојран, Струмица, Гевгелија и Демир Капија. 

До осум часот водниот талог е еден литар на метар квадратен во Штип, Демир Капија, Виница, Охрид, Гевгелија и Струмица, три во Пожаране и Маврово, четири во Тетово, Дојран и Скопје, пет во Берово, шест Крива Паланка, десет во Тополчани и 12 во Куманово. 

Времето денеска ќе биде облачно и посвежо со пообилни врнежи од дожд, особено во јужните и источните делови каде што се очекува и појава на грмежи. Пообилни врнежи ќе има и на северот од земјата и тие во овие делови ќе продолжат и во ноќта. Ќе дува умерен северен ветер кој попладне вдолж Повардарието ќе засилува. Температурата во интервал од 15 до 20 степени.

До сабота подрачјето на Македонија ќе биде под влијание на неколку влажни воздушни бранови, па времето претежно во попладневните часови ќе биде променливо облачно и нестабилно со поројни врнежи од дожд и грмежи. Денешните врнежи на места ќе надминат 45 литри на квадратен метар. Во петок и сабота врнежите ќе бидат полокализирани и ќе се повеќе кон исток, а и ќе дува повремено засилен северен ветер. Денес ќе е најсвежо, а од утре температурата ќе е во постепен пораст, па во понеделник температурите ќе достигнат и до 27 степени на југоистокот.