Бизнис
27. March 2017 - 20:53

Најпосетуваните водопади во Македонија ќе добијат осветлување

Смоласкиот и Колешинскиот водопад ќе добијат осветлување. Најпознатите водопади во државата наскоро освен дење ќе може да се посетуваат и во вечерните часови. Општина Ново Село и Центарот за развој на Јуигоисточниот плански регион веќе интензивно работат на новиот проект за уредување на овие два туристички локалитети. Покрај осветлувањето на самите водопади и патеките кои водат до нив се работи и на  проширување на пристапните патеки и обложување со камен како  и на обнова на сите заштитни огради. Проектот чини околу 4 милиони денари , а се реализира како дел од програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

-Најголемата придобивка од проектот ќе ни биде осветлувањето на целата патека и осветлувањето на самите водопади со што ќе создадеме услови истата оваа локација да биде посетена не само преку ден, туку и во ноќни услови, вели Блажо Велков – градоначалник на општина Ново Село

Доколу се оди според планираната динамика проектот треба да заврши до април оваа година. Од општина Ново Село очекуваат новите содржини кои се реализираат, но и претходно завршените како што е новиот пат до Колешинските водопади  со должина од 1300 метри кој беше изграден минатата година да  бидат повод  за зголемување на бројката од околу 50 000 туристи кои во текот на годината ги посетуваат овие природни убавини.