Свет
21. July 2017 - 18:54

Најнов биланс од земјотресот на Кос: Двајца загинати и над 500 повредени

Двајца загинати и над 500 повредени е најновиот биланс на жртвите од земјотресот со интензитет од околу 6,5 степени според Рихтеровата скала, што рано изутирнава ги погоди грчкиот остров Кос во југоисточниот дел на Егејското Море и блиското турско крајбрежје.

Земјотресот е регистиран во 1,31 часот по локално време (31 минута по полноќ по средноевропко време) на длабочина од 7,8 километри под површината на земјата, со епицентар на островот Кос.

Двајцата загинати се туристи од Шведска и Турција, кои ги загубиле животите кога врз нив се урнал ѕид од еден ноќен бар на Кос.

Грчките власти соопштија дека загинатите се идентификувани, но одбијат да ги соопштат нивните имиња. Турските медиуми, меѓутоа, јавија дека загинатиот државјанин на Турција е идентификуван како Синан Курдоглу.

На Кос се регистирани околу 150 повредени лица, од кои 13 се здобиле со потешки повредеи и се пренесени во болници во континенталниот дел на Грција. Меѓу нив се и еден странски државјанин на кој му е ампутирана ногата, како и уште едно лице кое се наоѓа во критична состојба.   

Во исто време, како што соопштија турските власти, од потресот и ударот на цунамито на јужното егејско крајбрежје на Турција се повредени речиси 350 лица. Повеќето од жртвите се здобиле со повреди кога во паника ги напуштале своите домови и собите во кои биле сместени.

Турската Влада испрати и специјален брод на Кос, од каде се евакуирани околу 200 Турци кои биле на одмор на грчкиот остров. 

Според податоците на грчките власти, меѓу оштетените објекти на Кос се и неколку цркви, една стара џамија, како и замок изграден во 14-от век.

Оштетувања на објектите има и на турското крајбрежје, а ударот на големиот воден бран поплавил повеќе хотели и ресторани на брегот на градот Бодрум. Според истанбулската опсерваторија „Кандили“, морската вода од цунамито, кое на места достигнало и до 10 метри височина, продрела околу сто метри во внатрешноста на брегот.

Во Бодрум се урнал и покривот на една болница, по што сите пациенти се евакуирани, а најмногу штети има во реонот на заливот Гумбет.

Локалните медиуми јавија дека стотици илјади туристи и локални жители на егејските острови и на турското крајбрежје ноќта ја минале под отворено небо на плажите и на терасите во кафулињата и рестораните.

Голем број на турсти во текот на денот си заминаа од регионот, стравувајќи од нови земјотреси.

Според сеизмолзоите во текот на денов се регистирани над 100 вторични потреси со послаб интензитет.