Свет
8. August 2016 - 8:27

Најмалку 38 лица загинаа во свлечишта, предизвикани од тропската бура Ерл во Мексико

Најмалку 38 лица загинаа во мексикансите држави Пуебла и Веракруз во свлечиштата, предизвикани од тропската бура Ерл, соопштија властите. 

Според Владата на Пуебла 28 лица, меѓу кои 15 деца загинале, откако маси од кал ги затрупале нивните куќи. Десет лица загинале во слични ситуации во Веракруз.

Бурата Ерл нанесе сериозни штети на повеќе од две илјади куќи во Мексико, а од поројните дождови се излеале 15 реки. 

Ноќта четвртокот спроти петокот Ерл предизвика големи штети во Гватемала и во Белизе и остави без електрична енергија повеќе региони.

Во меѓувреме тропската бура Хавиер се формира покрај тихоокеанското крајбрежја на Мексико и се очекува да се насочи на север кон Баха Калифорнија и во одмаралиштето Лос Кабос, соопшти Националниот центар за урагани на САД. 

Хавиер е проследен со ветрови со брзина од 72 километри на час. Подоцна денеска бурата ќе се приближи до јужниот дел на Баха Калифорнија. Се очекува да предизвика врнежи во крајбрежните региони на мексиканските држави Колима, Халиско, Најарит и Мичоакан.