Свет
20. January 2016 - 9:36

Најмалку 30 лица загинаа во напад врз универзитет во Пакистан

Најмалку 30 лица загинаа, меѓу кои најмногу студенти, а 50 се повредени во напад врз универзитет на северозападот на Пакистан, соопштија медицински и полициски извори.

Министерот за внатрешни работи Саед Вазир не прецизираше дали меѓу жртвите се и четворица напаѓачи, кои ги убила војската.

Според него, операцијата е завршена и безбедносните сили во моментот „ја расчистуваат областа“.

„Раша тудеј“ пренесе дека постојат непотврдени извештаи дека пакистанските талибанци ја презеле одговорноста за нападот.

Претходно беше соопштено дека меѓу убиените е и професор. Полициски претставник Тарик Кан наведе дека универзитетот е нападнат непосредно по отворањето во утринските часови во градот Чарсада, на околу 50 километри од Пешавар.

Нападнат е унверзитетот „Бача Кан“, кој името го добил по антиталибанската политичка партија.

Пред само неколку дена одделни училишта во Пешавар беа затворени поради стравување дека екстремисти подготвуваат напад.

Во напад на талибанци врз училиште во Пешавар, во декември 2014 година се убиени над 150 лица, повеќето деца.