Свет
6. September 2017 - 9:08

Најголема евакуација на Бахамите досега поради ураганот Ирма

Властите на Бахамските острови ја започнаа најголемата евакуација во историјата на земјата поради ураганот „Ирма“.

Се евакуира населението од островите од јужниот дел на архипелагот, од каде се очекува ударот на стихијата. Луѓето ќе бидат префрлени во градот Насау на островот Њу Провиденс.

Во првите острови, кои ќе бидат погодени од ураганот - Антигва и Барбуда, властите ги повикаа луѓето да не излегуваат и им беше исклучена електричната енергија. Повикот заврши со зборовите „Господ нека ни е на помош!“.

Властите на француско-холандскиот остров Сент Мартин и на францускиот остров Сент Бартелеми, кои се дел од Антилскиот архипелаг, предупредуваат за бранови со височина од 12 метри и за опасност од големи поплави во крајбрежните реони.

Се очекува „Ирма“ да премине преку Американските и Британските Девствени Острови, Порторико, Доминиканската Република, Хаити и Куба, пред да стигне до Флорида во текот на викендот, Американскиот претседател Доналд Трамп веќе прогласи вонредна состојба на Флорида, Порторико и Девствените Острови.

Стихијата се приближува со брзина од 24 километри на час и ветер со брзина од 297 километри на час.

Над 7.000 членови на Националната гарда се мобилизирани да учествуваат во спасувачки операции, доколу е неопходно.

Американскиот Национален центар за урагани ја прогласи „Ирма“ за најсилниот од сите урагани кои досега биле набљудувани во Атланскиот Океан. Според прогнозите на центарот, ураганот „Ирма“, кој прерасна во петта категорија, се очекува вечерва да стигне до Порторико, а до јужните делови на Флорида в недела изутрина.