Свет
13. November 2016 - 18:04

Најџел Фараж е првиот британски политичар што се сретна со Доналд Трамп

Привремениот лидер на антиевропската Партија за независност на Обединетото кралство (УКИП), Најџел Фараж се сретна во Њујорк со избраниот претседател на САД Доналд Трамп.

Фараж, кој се врати на лидерската функција на УКИП, по оставката, до изборот на нов лидер, е првиот британски политичар кој се сретна со победникот од американските избори, само пет денови по соопштувањето на конечните резултати.

Претставник на Трамп изјави дека разговорот бил „многу продуктивен“, додека претставник на УКИП објасни оти се разговарало за „слободите и за победата“.

Самиот Фараж за лондонските медиуми изјави дека Трамп ќе биде добар претседател.

- Неговата поддршка на американско-британските односи е многу силна и тој е човек со кого ние (Британците) можеме да работиме, рече Фараж.

Даунинг стрит 10 во Лондон соопшти дека лидерот на УКИП не е никаков претставник на владата во идната администрација на Доналд Трамп.

Медиумите, сепак, оценуваат дека средбата Фараж-Трамп е удар врз престижот на Тереза Меј како премиер, затоа што таа нема да може се сретне со новиот претседател на САД, пред пролетта идната година.

Меј настојува да не им се овозможи на десничарската УКИП и на Фараж да ја искористат победата на Трамп за нивни политички потреби во Британија.

Весниците од опозицијата веќе тврдат дека Меј ризикува да се претвори во „британски Трамп“ која околу Брегзит зад себе ќе ги собира гласовите на „заборавените гласачи“.

Најџел Фараж кој не е ниту британски пратеник, ја предводеше антиевропската и антимиграциската кампања во Британија, пред референдумот за ЕУ, силно заговарајќи напуштање на Унијата.

Трамп беше еден од ретките странски политичари кој го поддржуваше Брегзит, а Фараж во текот на летото беше во САД и агитираше за њујоршкиот милијардер.

Неговите изјави на омраза кон Мексиканците и муслиманите, предизвика дебата во британскиот Парламент за да му се забрани влез во Велика Британија, по собраните неколку стотици илјади потписи.

Лондонските веснци сега оценуваат дека тоа може да биде една од причините што Трамп разговарал со Тереза Меј по изборната победа, откако претходно им се јавил на лидерите на Египет, Индија, Ирска, Мексико, Австралија, Јужна Кореја, Јапонија, Турција и Израел.